Дали знаевте дека дијабет тип 2 погодува милиони луѓе ширум светот? Се јавува кога вашето тело не произведува доволно инсулин или кога не го користи инсулинот правилно, односно оваа состојба е предизвикана од таканаречена инсулинска резистенција, што значи дека вашите клетки не се способни правилно да ја апсорбираат гликозата. Ова доведува до високи нивоа на шеќер во крвта, што може да предизвика сериозни здравствени компликации доколку не се лекува. За среќа, постојат начини да се справите со тоа.
Секој може да развие дијабет тип 2, но тој е почест кај луѓе над 25 години со семејна историја на оваа состојба. Вишокот тежина исто така може да го зголеми вашиот ризик. Иако не постои лек за дијабет тип 2, некои луѓе успеваат да го стават во ремисија со губење на тежината. Не двоумете се да контактирате со вашиот лекар ако сте загрижени дека имате ризик од развој на дијабет. Запомнете, грижата за вашето здравје може да помогне да се спречат сериозни компликации.
Кои се причините?
Сеуште не се знае точната причина за дијабет тип 2 и може да се разликува од една до друга личност. Сепак, постојат неколку ризик фактори. Еве неколку од најважните:
- Гени/ семејната историја. Постои многу силна генетска компонента на дијабетес тип 2.
- Прекумерна тежина и дебелина. Вишокот на тежина е тесно поврзана со ризикот од дијабетес тип 2.
- Абдоминални маснотии. Локацијата на телесната маст може да биде поважна од количината на истата.
- Возраст. Дијабет тип 2 е болест на староста, до одреден степен. Колку сте постари, толку е поголема веројатноста да ја развиете состојбата.
- Недостаток од физичка активност. Седечкиот начин на живот е многу поврзан со дијабетес тип 2.
Симптоми на неконтролиран дијабетес тип 2
Дијабетес тип 2 често е веќе присутен многу години пред неговото дијагностицирање. Значителен број луѓе веќе имаат компликација – резултат на повеќегодишна хронична хипергликемија – кога ќе се дијагностицира. Ова значи дека е важно за сериозно да се земе некој од следниве симптоми:
- Зголемена жед и често мокрење. Како што шеќерот се акумулира во крвта, вашето тело се обидува да го исфрли со конзумирање вода и често мокрење.
- Зголемен апетит. Бидејќи вашето тело губи пристап до шеќер (т.е. гориво), мисли дека му треба повеќе и ве прави сè повеќе гладни.
- Губење на тежина. Како што клетките го губат пристапот до шеќер, вашето тело се упатува кон мускулите и маснотите за да се исхрани.
- Замор. Вашето тело губи пристап до шеќер – неговото основно гориво – и ве остава летаргични.
- Заматен вид. Високиот шеќер во крвта може да предизвика проблеми со видот.
- Рани што бавно зараснуваат. Високиот шеќер во крвта го прави вашето тело „кисело“ и предизвикува побавно зараснување на раните.
Контактирајте го вашиот лекар ако искусите некој од горенаведените симптоми.
Симптоми на ДКА
Тоа не е вообичаено, но некои луѓе со неконтролиран дијабетес тип 2 може да развијат дијабетична кетоацидоза, потенцијално опасна по живот состојба која се развива кога вашето тело нема инсулин што му е потребен. Телото реагира со опасна концентрација на киселини наречени кетони. ДКА укажува на тоа дека пациентот боледува од акутна хипергликемија и дека дијабетес тип 2 напредувал во смртоносна состојба.
Како што напредува состојбата, сепак, ситуацијата станува многу посериозна:
- Голем замор
- Сува или зацрвенета кожа
- Гадење, повраќање или абдоминална болка
- Тешкотии со дишењето
- Овошен мирис на здивот
- Проблеми со концентрација, необјаснета конфузија
DKA бара итна медицинска помош.
Како се дијагностицира?
Лабораториски испитувања
- Крвен шеќер на гладно – Овој тест мери колку гликоза има во вашата плазма. Можеби ќе треба да сте гладни 8 часа пред да го земете. Нормално отчитување е помало од 5,5 mmol/L. Преддијабетесот се дијагностицира помеѓу 5,5 и 7 mmol/L. Дијабетесот се дијагностицира со мерење на шеќерот во крвта од 7 mmol/L или повисоко.
- HbA1C – Овој тест ги мери просечните нивоа на гликоза во крвта за претходните 2 или 3 месеци. Не треба да гладувате за овој тест, а вашиот лекар може да ви дијагностицира врз основа на резултатите. Се нарекува и тест за гликолизиран хемоглобин. A1c помал од 5,7% се смета за нормален. A1c од 5,7% до 6,4% се смета за преддијабетес. А1ц од 6,5% или повеќе веднаш добива дијагноза на дијабетес.
- ОГТТ– За време на овој тест, вашата крв се зема три пати: пред, 1 час по и 2 часа откако ќе испиете доза од 75 грама гликоза. Резултатите од тестот покажуваат колку добро вашето тело се справува со гликозата пред и после пијалокот. Нормален резултат е отчитување на шеќерот во крвта под 7,8 mmol/L два часа по земањето на пијалокот. Дијагнозата на преддијабетес произлегува од отчитување на шеќерот во крвта помеѓу 7.8 mmol/L и 11 mmol/L два часа по пиењето. Дијагнозата на дијабетес произлегува од отчитување на шеќерот во крвта од 11,1 mmol/L или повисоко.
Останати лабораториски испитувања ако сте новодијагностициран
- Прекуноќна уринарна албуминска екскреција (CU-alb-MI или U-албумин/креатинин)
- Серумски креатинин
- Серумски холестерол, HDL- холестерол, LDL-холестерол, триглицериди
Кој е третманот за дијабетес тип 2?
Третманите за дијабетес тип 2 варираат во голема мера во зависност од ситуацијата на пациентот. Главните елементи на третманот при справување со нивото на шеќер во крвта ако имате дијабетес тип 2 се:
- Правилна исхрана и зголемена физичка активност
- Губење на тежина
- Метформин (обично се зема како таблета)
- Инсулин заедно со други лекови кои помагаат во намалување на нивото на шеќер во крвта
- Други видови лекови за дијабетес кои се инјектираат или земаат како таблети.
- Операција за губење на тежината
- Емоционална поддршка
Замислете дека сите луѓе со дијабетес тип 2 се наоѓаат на еден широк спектар:
- На едниот крај од спектарот, замислете лица со благ дијабетес тип 2. Тие можат да управуваат со нивниот шеќер во крвта само со модификации на здрав начин на живот. Можеби избегнуваат да јадат храна што содржи шеќер и шетаат секојдневно и само тоа го држи нивниот дијабетес под контрола. Некои луќе го ставаат дијабетот во ремисија со тоа што намалуваат во тежина.
- На другиот крај на спектарот, замислете лице со дијабетес тип 2 кое воглавно или целосно ја изгубило способноста да произведува инсулин. Тие целосно се потпираат на инјекции инсулин за да преживеат. Ќе треба често да го тестираат шеќерот во крвта и веројатно да земаат други лекови за намалување на гликозата. Тие, исто така, може да се борат со долгорочни компликации како што се невропатија, срцеви заболувања или болести на бубрезите.
Секоја личност со дијабетес тип 2 се вклопува некаде низ тој спектар. Ова е причината зошто често ќе слушнете како луѓето велат дека дијабетесот кај секоја личност е различен.
Кога се употребуваат орални антидијабетични лекови?
Дијабетесот тип 2 често се третира со орални лекови и понекогаш луѓето земаат и орални лекови и инсулин. Оралните лекови треба да се почнат во ран стадиум, кога терапијата со лекови е сè уште ефикасна. Во отсуство на контраиндикации, треба да се размислува за лекови кога вредностите на гликозилиран хемоглобин (HbA1c) ќе надминат 7.0% и покрај нефармаколошката интервенција. Ако еден лек не ја намалува вредноста на HbA1c под 7.0 %, се додава друг антидијабетичен лек ако нема контраиндикации. Инсулинската терапија треба да почне најдоцна, кога вредноста на HbA1c се одржува над 7.5% (нормални вредности 4.0-6.0) и покрај оралните лекови.
Постојат многу видови на орални лекови за лекување на дијабетес тип 2, а ова се дел од нив кои се користат и се достапни во нашата држава:
- Инхибитори на хепаталната гликозна продукција: Метформин
- Стимулатори на инсулинска секреција: Сулфонилуреа
- Деривати на Фенилаланин: Nateglinide и Repaglinide
- Глитазони
- Лекови што ја засегаат јагленохидратната апсорпција: Guar gum
Лековите за дијабетес се безбедни, но како и многу други лекови тие може да имаат несакани ефекти или да влезат во интеракција со други лекови што ги земате. Бидејќи лековите можат да влијаат на вас на различни начини, вашиот лекар е должен да ви објасни за какви било несакани ефекти.
Кој е најбрзиот начин да се третира тип 2 дијабетес?
Ако вие или некој што го познавате има високи нивоа на шеќер во крвта, важно е да дејствувате брзо. Инсулинот е најбрзиот начин за лекување на оваа состојба, па затоа е клучно да се побара лекарска помош. Може да биде неопходен болнички третман, каде што интравенска терапија може да обезбеди инсулин, течности и хранливи материи за да помогнат во стабилизирање на нивото на шеќер во крвта.
Алтернативно, ако забележите симптоми на ниско ниво на шеќер во крвта, исто така познат како хипогликемија, важно е да дејствувате брзо со консумирање од 15 до 20 g јаглени хидрати со брзо дејство. Ова може да помогне да се стабилизира нивото на шеќер во крвта и да се спречат понатамошни компликации. Ако некој доживее тешка хипогликемија, неопходно е да побарате лекарска помош.
Компликации од дијабетес тип 2
- проблеми со кожата, како бактериски или габични инфекции
- оштетување на нервите или невропатија, што може да предизвика губење на сензација или вкочанетост и пецкање во вашите екстремитети, како и дигестивни проблеми, како повраќање, дијареа и запек
- слаба циркулација во стапалата, што го отежнува заздравувањето на вашите стапала кога имате исеченица или инфекција, а исто така може да доведе до гангрена и ампутација на стапалото или ногата
- оштетување на слухот
- оштетување на ретината или ретинопатија и оштетување на очите, што може да предизвика влошување на видот, глауком и катаракта
- кардиоваскуларни болести како висок крвен притисок, стеснување на артериите, градна болка, срцев удар и мозочен удар
- жените со дијабетес имаат поголема веројатност да доживеат срцев удар на помлада возраст, отколку жените без дијабетес
- мажите со дијабетес имаат 3,5 пати поголеми шанси да развијат еректилна дисфункција
Дијабетес тип 2 е честа состојба која е предизвикана од одредени одлуки каков начин на живот ќе водиме. Но, веројатноста за дијагностицирање на оваа состојба може да се зголеми и поради други фактори, како генетиката, возраста и семејна историја на болеста.
Оваа состојба може да се стави под контрола со одредени промени во животниот стил. За потешки случаи, достапни се разни видови на лекарства. Бидејќи дијабетесот е толку честа појава, имате многу достапни ресурси и алатки кои ќе ви помогнат на вашето патување кон управување – или ставање во ремисија на дијабетес тип 2.