Во текот на зимските месеци луѓето со сите типови на дијабетес имаат тенденција да имаат повисоки нивоа на HbA1c отколку во потоплите месеци. Како што температурите паѓаат, така студеното време може да го зголеми шеќерот во крвта на неколку начини.
Имајќи го ова на ум, составивме неколку совети кои ќе ви помогнат да го задржите под контрола нивото на гликоза во крвта за време на студениот период.
Како студеното време може да ви го зголеми шеќерот во крвта
Ниските температури можат да му предизвикаат стрес на вашиот организам. Како одговор на тоа, вашето тело ослободува стрес хормони, како што е кортизолот за да обезбеди енергетски поттик. Овие хормони го намалуваат производството на инсулин. Бидејќи инсулинот им помага на клетките на телото да ја апсорбираат гликозата од крвта, имањето помалку инсулин значи дека останува повеќе гликоза во крвта. Стрес хормоните исто така го стимулираат вашиот црн дроб да создава и ослободува повеќе гликоза. Како резултат на тоа, нивото на шеќер во крвта се зголемува.
Активноста на вирусот на Инфлуенца (грипот) често почнува да се зголемува во октомври и го достигнува својот врв помеѓу декември и февруари. Заболувањето од грип може да го поттикне вашето тело да ослободува стрес хормони за да ја зголеми енергијата и да се бори против инфекцијата, предизвикувајќи зголемување на нивото на шеќер во крвта.
Зимските месеци носат сезона на одмори и празници за многу народи. Забавите, семејните гозби и подароците може да го нарушат вашиот план за исхрана со храна која содржи повисоко ниво на калории. Студеното време, исто така, може да ги отежне престојот во надворешни простори и физичката активност. Нарушувањето на вашите планови за оброци и активности може да го зголеми шеќерот во крвта.
Како да се погрижите за вашето здравје при студено време
За да останете на вистинскиот пат со управување со дијабетесот во студениот период:
- Редовно проверувајте го шеќерот во крвта, дури и почесто ако сте болни или имате симптоми на низок шеќер во крвта. Можеби ќе ви биде потешко да го тестирате шеќерот во крвта во зима. Зимските температури може да ги разладат вашите раце, што го прави тестирањето поболно. Обидете се да ги загреете рацете во близина на грејалица, радијатор или со чаша топла вода пред да се боцнете за крв од прст за да го направите тестирањето поудобно и да добиете добро отчитување на мерачот.
- Останете стоплени. Свиткајте се под ќебе, правете некаква физичка активност дома или испијте шолја топол чај. Но, бидете внимателни ако користите електрични ќебиња или греалки за стапала. Можеби нема да препознаете дека температурата е превисока и ќе се изгори кожата.
- Примајте вакцини против грип секоја година. Вакцинацијата против грип може да ги намали шансите за добивање грип, посетите на лекарски ординации, пропуштање на работа и училиште, како и сериозноста на болеста доколку заболите од грип.
- Проверувајте ги кожата и стапалата секој ден. Студеното време обично доаѓа со сув воздух. Грејачите во затворен простор и во автомобил, исто така, може да ја исушат вашата кожа. Сувата кожа со чешање може да доведе до пукнатини на вашата кожа. Микробите може да навлезат во пукнатините, предизвикувајќи инфекција. Обрнете големо внимание на кожата и стапалата за да можете рано да ги забележите промените и веднаш да ги лекувате.
- Додајте некои активности во затворен простор во вашата дневна рутина. Пробајте некое видео за јога, зумба или пилатес. Направете го забавно со тоа што ќе побарате од вашето семејство или пријатели да ви се придружат.
- Останете на вистинскиот пат без разлика што се готви. Водете се по совети за здрава исхрана, како што е намалување на јаглехидратите за време на оброкот ако сте имале блага ужина.
- Чувајте ги вашите лекови, залихи и опрема подалеку од екстремен студ. Инсулинот е чувствителен на температури. Ќе треба да го одржувате ладен, но не дозволувајте да замрзне. Инсулинот замрзнува на околу 0°C, а замрзнатиот инсулин повеќе не делува, дури и кога е одмрзнат. Студот може да ги оштети и инсулинските пумпи и континуираните монитори за гликоза.
- Подгответе и чувајте резервен комплет. Имањето комплет за нега на дијабетес може да ви помогне да се справите полесно со дијабетесот за време на итни ситуации како снежна бура, на пример.
Останете зaгреани и на безбедно! До следно читање 🙂