Дали знаевте дека хемоглобинот А, протеин во црвените крвни зрнца, е одговорен за пренесување на кислород низ вашето тело? Но, дали знаевте и дека кога има гликоза во вашиот крвоток, таа може да се залепи на хемоглобинот А? Колку повеќе гликоза во крвта, толку е поголем процентот на гликозирани хемоглобински протеини.
Интересно е дека штом гликозата ќе се залепи за протеинот на хемоглобинот, таа останува таму за време на животниот век на хемоглобин А, кој може да биде долг и до 120 дена. Ова значи дека гликозата поврзана со протеинот на хемоглобин А го одразува нивото на шеќер во крвта во последните два до три месеци. Односно, Вашиот гликолизиран хемоглобин A1C, честопати скратено A1C или HbA1C, е индиректен начин за мерење на просечните нивоа на шеќер во крвта во последните два до три месеци.
Тестот A1C мери колку гликоза е залепена на хемоглобинот А, или поконкретно, колкав процент од протеините на хемоглобинот се гликозирани. Ако имате 7% A1C, тоа значи дека 7% од вашите протеини на хемоглобин се гликозирани.
Треба редовно да го проверувате вашиот HbA1c, барем еднаш годишно. Ако му треба повеќе внимание на овој параметар, тестот ќе се прави на секои три до шест месеци. Не прескокнувајте ги овие тестови, тие се од витално значење за вашето здравје.
Откако ќе го дознаете вашето ниво на HbA1c, важно е да разберете што значат резултатите и како да ги спречите да станат премногу високи. Дури и малку покачено ниво на HbA1c може да го зголеми ризикот од сериозни компликации, како проблеми со очите и стапалата.За да го намалите ризикот од овие компликации, важно е да го знаете нивото на HbA1c и што можете да направите за да го намалите.
Вашиот здравствен тим е тука да ви помогне, затоа не двоумете се да контактирате со нив ако не сте направиле тест повеќе од една година. Чувајте се!
Што е А1C тест?
Тестот A1C е исто така познат како тест за хемоглобин A1c или тест за HbA1c. Други имиња за тестот вклучуваат тест за гликолизиран хемоглобин, тест за гликохемоглобин, тест за гликозиран хемоглобин или A1C.
Тестовите за A1C ја мерат просечната гликоза во крвта во последните 2 до 3 месеци. Значи, дури и ако имате висок шеќер во крвта на гладно, вашиот вкупен шеќер во крвта може да биде нормален, или обратно. Нормалниот шеќер во крвта на гладно не може да ја елиминира можноста за дијабетес тип 2.
Правењето на тест за HbA1c е важен чекор во управувањето со вашиот дијабетес. Овој тест го мери вашето просечно ниво на шеќер во крвта во одреден временски период и дава добар показател за тоа колку добро се контролира вашиот дијабетес. Тестот е различен од тестот со убод со прст, кој дава само резултат од нивото на шеќер во крвта во одредено време. Повеќето луѓе го прават тестот на секои три до шест месеци, но можеби ќе ви треба почесто ако планирате бебе или имате проблеми со управувањето со нивото на шеќер во крвта. Тестот за HbA1c исто така се користи за дијагностицирање на дијабетес и следење на вашите нивоа доколку сте изложени на ризик да ја развиете болеста. Бидејќи не бара гладување, тестот може да се спроведе во секое време како дел од целокупниот скрининг на крвта.
Како се изведува тестот?
Тестот A1C е едноставен тест на крвта. Не треба да гладувате пред да го направите, а можете и нормално да јадете и пиете. Многу високи или ниски нивоа на шеќер во крвта за време на тестот нема да имаат сериозно влијание врз резултатите.
Во зависност од тоа зошто вашиот лекар го бара тестот, примерокот на крв може да се добие или со редовно земање крв или со боцкање на прстот со ланцета.
Како се интерпретира А1Ц?
Целните нивоа на A1C може да варираат во зависност од возраста на секоја личност и други фактори, а вашата цел може да се разликува од онаа на некој друг. Ако имате дијабетес, идеалното ниво на HbA1c е 48 mmol/L (6,5%) или под тоа.
Резултатите од тестот A1C се пријавуваат како процент. Колку е поголем процентот, толку е поголемо нивото на гликоза во крвта во последните два до три месеци. Тестот A1C може да се користи и за дијагноза, врз основа на следните упатства:
-Ако вашето ниво на A1C е помеѓу 5,7 и помалку од 6,5%, вашето ниво е во опсегот на предијабетес.
-Ако имате ниво на A1C од 6,5% или повисоко, вашето ниво е во опсегот на дијабетес.
Вашиот A1C често се пријавува заедно со просечни глукозни нивоа (eAG) – проценка на вашето просечно ниво на шеќер во крвта во последните два до три месеци.
Вашиот лекар може да ги пријави вашите резултати од A1C како eAG што е директно во корелација со вашиот A1C. Просечни глукозни нивоа или eAG е уште еден начин за интерпретација на резултатите од HbA1c тестот. Значењето е исто, но некои лица со дијабет преферираат вакво интерпретирање на тестот, бидејќи наместо во проценти, резултатите се достапни во mg/dl (mmol/L), истата мерна единица која се применува за моменталните глукозни нивоа, што ги гледате преку самостојното следење на вашиот мерач или континуиран монитор за гликоза (CGM). Меѓутоа, бидејќи е поголема веројатноста да ја проверувате гликозата во крвта наутро и пред оброците, вашите отчитувања на мерачот најверојатно ќе бидат пониски од вашиот eAG.
Ова ви го прикажуваме подолу изразено во mmol/L (втора колона) или mg/dL (трета колона).
A1C | eAG | |
% | mmol/L | mg/dL |
6 | 7.0 | 126 |
6.5 | 7.8 | 140 |
7 | 8.6 | 154 |
7.5 | 9.4 | 169 |
8 | 10.1 | 183 |
8.5 | 10.9 | 197 |
9 | 11.8 | 212 |
9.5 | 12.6 | 226 |
10 | 13.4 | 240 |
Разликата помеѓу eAG/A1C и просечната гликемија на вашиот мерач
Забелешката е дека eAG/A1C не е исто просечно ниво на гликоза како просекот на отчитувањата на вашиот мерач на гликемија.
Мерачот на гликоза во крв ја мери вашата гликоза во крвта во одреден момент, додека eAG/A1C претставува просек од вашите нивоа на гликоза 24 часа на ден, вклучувајќи ги и времињата кога луѓето имаат помала веројатност да го проверат шеќерот во крвта (на пример, периоди со повисок шеќер во крвта после оброк).
Луѓето со дијабетес, исто така, имаат поголема веројатност да ја проверуваат гликозата во крвта почесто кога е ниско нивото (на пример, првото нешто наутро и пред оброците), така што просекот на отчитувања на нивниот мерач веројатно ќе биде помал од нивниот eAG.
Скрининг за дијабетес
Ако сте со прекумерна тежина или обезни, и имате еден или повеќе други фактори на ризик за развој на дијабетес тип 2, вашиот лекар најверојатно ќе нареди тест за A1C (или друг тест за дијабетес) како дел од вашиот годишен медицински преглед.
Ваквите фактори на ризик вклучуваат:
· Родител или брат или сестра со дијабетес
· Да се биде физички неактивен
· Висок крвен притисок
· Високи триглицериди
· Низок HDL холестерол
· Историја на кардиоваскуларни болести
· Други состојби поврзани со отпорност на инсулин, вклучувајќи, тешка дебелина или синдром на полицистични јајници (PCOS)
Дополнително, треба да се направи скрининг за оние кои:
· Имале гестациски дијабетес (треба да се тестираат на секои три години)
· Имаат преддијабетес (треба да се тестираат секоја година)
· Се ХИВ-позитивни
Колку често треба да се прави тестот?
Предијабетес – проверувајте го вашиот A1C еднаш годишно за да го следите развојот на дијабетес тип 2.
Дијабетес тип 2 – проверувајте го вашиот A1C двапати годишно ако сте стабилни. Меѓутоа, ако правите промени во терапијата или не сте стабилни во нивоата на гликемија, проверувајте квартално, на секои 3 месеци.
Дијабетес тип 1 – проверувајте го квартално, на секои 3 месеци.
Кај бремени– проверувајте го на 3 месеци.
За луѓето без дијабетес– оние над 45 години, или со зголемен ризик од дијабетес без разлика на годините, треба да направат превентивно HbA1c тестирање, а според резултатите докторот ќе даде соодветна препорака за понатамошната динамика на тестирање.
Зошто треба да се направи овој тест?
Правењето на HbA1c тестот е превентивна мерка за лицата со дијабет и ризичните групи. Како што расте процентот на утврден HbA1c, така се зголемува и ризикот од дијабет тип 2, но и дијабетични комппликации кај оние кои веќе се дијагностицирани.
Редовното тестирање (одржување на HbA1c под 7%) може да превенира дијабетични компликации, како:
· проблеми со видот
· кардиоваскуларни заболувања
· мозочен удар
· бубрежни заболувања
· дијабетично стапало
Ограничувања на тестот A1C
Постојат состојби во кои A1C тестот не е сигурен извор за дијагностицирање на дијабетес, вклучувајќи:
· Српеста анемија
· Таласемија
· ХИВ
· Вториот и третиот триместар од бременоста, како и постпарталниот период
· Болест на бубрезите
· Анемија
· Хемолиза
· Недостаток на железо
· Неодамнешна загуба на многу крв и/или трансфузија на крв
· Терапија со еритропоетин
Овие состојби може да предизвикаат искривени резултати кои не ја одразуваат реалноста на нивото на шеќер во крвта. Ако имате една од овие состојби, наместо тоа, може да се направат тест за гликоза во плазма на гладно и орален тест за толеранција на гликоза.
Забелешка:
Делови од текстот се превземени од
https://www.diabetesdaily.com/
A1C and eAG | ADA (diabetes.org)
https://drmitov.mk/hba1c_tromesecen_prosek_sheker/
https://www.verywellhealth.com/diabetes-and-a1c-levels-1087678